Чедо Јакимовски. Поезија НЕ БУДЕТЕ МЕ НОЌВА ВРАЌАЊЕТО НА МОЈАТА ЕВРИДИКА Од кои предели и ноќи твојот глас ме вика Дали во темните вилаети на сонот пак спиеш Ти изгубена во ова столетие мртва Евридика што вон денот, и јавето во некоја билка се криеш Од кои предели и ноќи твојот глас ме вика Од сите градски светилки светлоста ја обрав И со полноќно сонце в очи по ѕвездите скитам На сончевото срце те цртам Ти света и добра засекогаш изгубена во невраток Те китам со светлоста што од сите светилки ја обрав Те барам во мразот дождовите и непостојаниот ветар од онаа страна на месецот и неможноста на сонот Твоето име го испишувам на грбот на миризливиот етар твојата песна ја ѕвонам на златното небеско ѕвоно А тебе те нема О тој страшен прекор на твојот глас што од темни длабочини ме вика Па болен и крвав слегувам во рајскиот пекол и таму да те побарам о моја Евридика О слепо чекорење по мрачни патишта а врнат камени дождови и чудни билки ме пијат Ти спиеше на еден камен и златна и црна сонот ти го чуваше некаква ретка змија. За да те разбудам каменот го изгризав со заби три ноќи мракот со своите очи го горев Во очите сјајот го изгубив О да би те разбудил испив бескрајно отровно море. И тргнавме кон светлоста А страшно и лудо жед да видам дали си зад мене почна дa ‘рти Очите си ги ископав и за чудо како лудиот Орфеј фатално не се свртив Те вратив воскресната од пеколот на овој град и на најстудените ѕвезди им покажав како се љуби Се вратив изгорен а тргнав силен и млад тебе те најдов но себе се изгубив НАРЦИСА 1 Нарциса, чудна птица ти пее во грло; звуците се живи искри со тело и душа. Глеј, чуден младич спие во сончево трло, Во сон од ретки бои песната ја слуша. Од почеток на сјајот велат тука спие, некаква тајна клетва срцето му го гребе. Измислил јаве во сонот, па таму се крие од светските болки и самиот од себе. Легендите велат: може да го расони некаква ретка песна, но неа ја знаат две згаснати ѕвезди. А тебе ти ѕвони ретка песна во грло: можеби е таа. Пријди некое утро со нечујни стапки по тајните патишта светлоста кога крене, со звуците што росат како невидливи капки разбуди го младичот што спие во мене. 2 Да бегаме во пределите далеку од градот во топлата шума од сончеви прсти. Нарциса, светот е огромно ѕвездено стадо до задниот здив светлоста што ја брсти. Ќе заспие таму пладнето на нашите тела, ќе полета света птица над нас да се вие. Од сонот ќе долета во мириси облечена пчела езерото со болен сјај од очите да ни го пие. Ќе дојде миг кога со тајни прсти ќе се сетат забранетите бои на светлоста и ќе се скрши оградата што нè двои од сто непознати света, ќе бидеме исти, а други векот пред да сврши. Ќе биде тоа време на несетена радост сред златниот сјај на сончевите прсти. Нарциса светот е бескрајно ѕвездено стадо до задниот здив светлоста што ја брсти. 3 Пред нас блеска град. На другиот брег Самееме. Бел коњаник ни ги зема од очите топлите денови. Ќе докаса нов снег, реката шуми, а мост никаде нема. Блеска градот. Нè бранува весел шум на познати гласови: во градот е празник. Зад нас ѕвекот: од некој сeверен друм, иде војската на зимата да нé казни. за нашето бегство и лудата жед за една самотија што летото ја роди. Блеска градот: ќе нè окова нов лед, о, колку сме мали пред овие води! Во градот е празник Од камбани ѕвон сите прозорци на небото ги крши. Спи, Нарциса, ако не најаве, в сон ќе влеземе во градот есента пред да сврши. 4 Елените во шумите рикаат. Дали ги плаши чудната ѕвезда што вршките на дрвјата ги пали или низ шумите нè бараат мртви сватови со чаши во раце. О висока тополо на времето дали од очите стравот ни се сели? Војната на нашите чела меѓу старите и новите денови. Низ спомените свири оркестар од ослепени сонца, додека бела ноќ над немирниот сон на светот се шири. Ако нè ослободи мракот, ќе се вратиме во градот на нашата љубов што по ѕвездите праќа гласници да нè бараат. Чуј, што ѕвона од радост нашето враќање го слават на градската врата. Елените во шумите рикаат. Над светот ѕвоната ѕвонат а времето од ѕвездите златни дождови молзи. О, како се тихи пределите. Тебе ти се ронат од очите, Нарциса, бисери место солзи. 5 Полноќ. На небото безброј огнови горат на ѕвездите слушам ловечки рог труби. Звукот му го читам: кој знае три збора - и да онемее нема што да изгуби. Еден збор знам, Нарциса, но не знам да го речам Молкот дали зборува или е тешка клетва? Речи да ти речам. Гледаш студен клечам сред времето кога класа нова жетва во нашите краишта, кога, како светец, татко ми по мене по ѕвездите скита, а мајка ми сред невраток чека да ме сретне и името во стара книга ми го чита. Полноќ. На небото безброј огнови горат. Татко ми од јавето во ловечки рог труби. Да бегаме во мракот: кој знае три збора - и да онемее нема што да изгуби. 6 Во ресторанот сме сами столовите и ние и молкот што по секој редок збор се раѓа. Надвор јануари во ѕвона сребрени бие И со мракот гушнат снег непознат паѓа. Пред нас бела ноќ, во тебе топло лето, непознато сонце во очи ти гори, Сакам да ти раскажам за тајните на светот, но место мене тишината збори. Пред нас бела ноќ, во очите пусто поле и снег измешан со златни соништа паѓа. Од далеку ни зборува Григ за чудната пролет во срцето на јужните ветрови што се раѓа. Во ресторанот сме сами столовите и ние. Молкот црта цветови на нашите чела. Нарциса, во твоите очи ново сонце се крие, во светот и во нас блеска ноќ долга бела. 7 Ме породи луда ѕвезда на прастара трева, бев гладен: ме надои неротка срна. Првата ноќ црна молња почна да сева. Мракот ме освои: кожата ми ја обои црна. Како да појдам при ѕвездите? Исплакав тешки води, Мрак во мене и околу. Кај да го пронајдам патот? Нарциса, тогаш ново сонце се роди, ме најде и ми подари кошула од злато. Ја открив тајната на зборовите. Сам, без свое небо од почеток на сјајот по земјата скитам. Сега како птица се пресоздавам во тебе и иднината на светот во твоите очи ја читам. О, минато време, на светлиот зрак што ме спаси кога невидлива смртта чукаше на мојата врата. Глеј, тоа сонце сега самотно се гаси, ќе одам со моите очи сјајот да му го вратам. 8 Слушаш ли, Нарциса, оваа ноќ ни кове ограда од соништа. Од планините ќе слезе да нè зароби ново изгнанство кога мртов ловец варди во пределот летото да не влезе. Вон нашиот предел расте заборавна трева, а јавето со немушт јазик имињата ни ги црта. Ни зборaт грешните денови. О, дали се крева јато од свечени зборови или пак чука смртта? Или непознат оган во очи ни гори кога студен ветар низ светските провеви дува Сами сме сред пределот, стража од метафори на златните граници сонот ни го чува. Слушаш ли, Нарциса, оваа ноќ ни ткае мрежа од соништа, и остар звук го сече нашето оковано небо. А само тој знае што се случува надвор, но нем е да ни рече. 9 Нарциса, дали моќта на говорот ја изгубивме прво па молчиме среде прстен од зборови. А знаев, ќе се случи нешто чудно кога од нашето дрво се ронат деновите и ѕвездите шепотат есен. Над нас од сопствените молњи птичји јата горат. О, дали пребрзо тече во сонот најденото време, па сакам да ти речам два малечки збора. Молк сум додека во мене ‘рти камено семе. Ѕвездите шепотат есен, а прстенот се стега. Јавето да нè поврати со пушка трипати пука. Случаен дожд надоаѓа, па во непознати предели бега. На северните врати на времето, слушај, зимата чука. Како бели коњи ќе докасаат идните снегови, а нас зелен оган во изгнанство нè мами. Сепак, остануваме на нашите познати брегови Болни од слатки проклетства. Двајцата неми и сами. ВРАЌАЊЕ Гледам луд магепсник сонот ми го фрла на сртот на Источните планини со ѕвездите да гори Крај мене како златороги елени во камени трла Блескаат лесновските борови И златно време зори Се вратив како покаен ветар па скаменет стојам пред вратите на пределот што не го знае моето име пред оваа прастара музика и неоткриена боја по челото што ми капе од белото небеско виме Се вратив во овој предел во потрага по себе сред времето што не знае за својот крај па трае Зад мене од темен бунар нешто непознато гребе слушам по моето бегство изгорениот мрак лае Шумат лесновските борови О неповторлива песно што сонот ми го плодиш со цвет и животен оган Пределот свечено се отвора Болен од патишта лесно Сред ретки лековити билки стапнувам со левата нога САМОТНО ИЗГНАНСТВО О заборавен предел пак дојдов без себе во твојата немоќ од памтивек што зрее сред тој цвет неоплоден и мирис што гребе сред своето безличје што изгнанство не е туку простор кај сонцето сон затворен најде една отровна песна во крвта да скрие Па чекам над заборавот времето да зајде волкот да го убијам во мене што вие А виежот се претвора во цвет од идно време и идното сонце со студен сјај го пали Па не знам дали сум камен во некој предел темен осуден засекогаш по својата смрт да жали Или сум црна молња што со огнено длето повикот по себе го длаби во бел мрамор А знам самиот се разнесов по светот и своето проклетство го носам на рамо БИГОРСКА ЧЕШМА Сам сум сред ова ридје како ранет елен взори мракот пее за себе сонцето пред да се јави На сртот на моите очи заборавен оган гори луда ѕвезда во моето срце својата болка ја слави Црпам грстови вода од сонот на белиот мрамор мртвиот цвет во крвта кон ѕвездите да се крене Водо ја излекува мојата пустина Само Дали ќе го излекуваш изгнанството во мене По секоја капка двапати сум жеден време жеден ќе умрам на твоето преполно виме Прво ќе заспијам тихо во сонот на мраморот леден а потоа ќе сраснам за овој предел без име Па кој ќе ме разбуди пред новиот пат што ме чека можеби некои очи полни со изгубена љубов можеби во ново време недојдена ѕвездена река или твоите води што паѓаат со тих жубор НЕ БУДЕТЕ МЕ НОЌВА Лежам во тревата како изгонет бог од камен Крај мене нечујно војските на времето ездат Ноќта го затвора светот и крева црно знаме на сонот Па буди ѕвезда по ѕвезда Невидлива рака далечна свеќа пали Источните планини блескаат како кубе Камбано на моето срце ти вечно изгнанство дали во овие предели лежат очите што ги љубев Небескиот часовник идното време го брои Взори ќе заминам некаде сам да пијам од сјајот Знам кој паднал немоќен на крајот прав ќе стои Кој згаснал на почетокот заискрува на крајот Не будете ме ноќва Јас сум буден во сонот и гледам во планините што блескаат како кубе Од некое далечно јаве се гласи кобно ѕвоно Во кои предели лежат очите што ги љубев САНОЌ БАРАМ ПТИЦА Саноќ барам птица од себе што се сели Заборав што сонува сред мртвите јата Да изгорам со неа сред празните предели на сонот кај ѕвездите од сто болки патат О песно што редок цвет ми садиш в очи во твоето срце пак изгнанство ѕвони Додека ѕвездите ги лаже со тих почин во моите дланки гром за оган сони Саноќ барам птица од својот сон што бега а сонот како светлост на крило £ спие Да побегнам некаде кај не ќе ме стега прстенот од изгнанства и кај не ќе бие песно твоето ѕвоно Знам заборав вечен од пределите сите мириси ги зема Саноќ барам птица што небото го сече како гром заборавен но птицата ја нема ПАДОТ НА ВРЕМЕТО О што е тоа што така страшно се крши во мене о што е тоа што грми низ мене како бура Дали се распаѓа времето па нема кој да го крене Иако низ просторите стораки сонца јурат Деновите паѓаат во безличје празно и чисто Лесновските борови стануваат ангели бели Речете неми ѕвезди дали е ново или исто живот во безвреме или смрт во идните предели Оти постои пат од сонот што треба да се мине со нечујни чекори не свртувајќи назад очи Но тогаш непозната птица врската со јавето ја кине И ми шепне Изгнанику во беспаќето барај почин И чекам ѕвезди ова старо време да сврши да откриеме нова тајна за нас и само наша О што е тоа што во мене така страшно се крши и грми како гром што удрил во огромна чаша ЛЕСНОВСКИТЕ ЅВОНА Која ѕвезда згаснала ноќва па безумно грмат лесновските ѕвона Дали е непознат празник на мртвите што се креваат и со бела срма ги китат просторите заспани и празни О дали во мене се буди заспаното море и како прастаро животно низ жилите ми скита Сè е затворено Пат ни долу ни горе ни во себе ни од себе Само како сенка ита низ моето изгнанство една чудна тага и лесновските борови ги кити со сјај вечен Јас од младоста изгубив секоја трага Сè е затворено и секој збор е речен Да не умрел некој ноќва па безумно грмат лесновските ѕвона (Сред беспаќе изгубен стојам) Додека живите чудни соништа сонат на исток згасна и ѕвездата моја ЦРН ЦВЕТ Ноќта како црн цвет ми спие на рака Името на мракот како матен сон ми тежи Непозната птица скита низ сувиот папрат на дланките гнездо ми прави со болката да лежи Знам секое изгнанство својот мрак го бара а тој мрак може светлоста да биде Можеби непознат цвет со смртта смртно скаран или птицата што лета кон некој изгрев иден Знам секое изгнанство понекогаш знае по скитање во круг патот да го најде Песната и по смртта на времето ќе трае сонцето ќе топли и откога ќе зајде Ноќта како црн цвет ми спие на прсти о каде е меѓата меѓу двата барани света Молк во молк Само зората столбови цврсти на исток крева сонцето пак да цвета Глеј огромно сонце се раѓа Дали е вечна зора во цветно време Гори изгубениот пекол Се раѓа огромно сонце над новооткриената гора и златна река од светлост на челото ми паѓа Пеат шумските ѕверови Дрвата растеж ги крева низ просторот што со зраци нови предели ткае О голема тајно од оган и златна трева О утро игро на времето што свршува или трае Плодовите зреат во тајните на своето лето Нов зачеток се плоди во секоја капка роса Наслутуван мирис се раѓа во тајните на цветот а јато пијани пчели кон сонцето го носат Глеј ново сонце се раѓа чудни птици кружат над белите гори нова светлост што дишат Сам сум на еден брег а далечна нестварна ружа мојот сон над чудна празнина го ниша СОН Сонував во крвта ми класаат црвени жита и кружеа непознати птици Од западната страна видов друго сонце само кон исток ита на гради ми падна и слатка ми отвори рана А сите спиеја во некое друго време сите спиеја на работ од на некои тајни бездни Само боровите будни го сееја своето семе во некој измислен предел под непознати ѕвезди О спијте спијте жедни за грст љубовни капки јас житово ќе го жнеам со огнот во моите очи Ако го најдам цветот на младоста со тихи стапки под вашите јасмини ќе побарам почин Сонував непознати жита во една непозната вечер затворен меѓу две сонца и два нови мрака Мојата птица ми шепна: реката на времето тече пред да заминеш на сите мавни им со рака ОФЕЛИЈА 1 О неможно царство на таа златна река сред ѕвездите што тече и времето го пие О чуден звук што иде да ми рече дека сè што ќе се роди на сонце ќе гние О неможно царство на таа златна река на чие чело мртва Офелија спие Свеста е бескрајно море од лудило што врие сонцето е цвет со мирис што се труе Сјај со сјај се гори мрак со мрак се бие времето е глас што не може да се чуе Свеста е бескрајно море од лудило што врие на чии дланки мртва Офелија спие Зелен лилјанов венец од јавето ја крие на работ на свеста £ пее непозната птица А свеста од некое мрачно царство вие Зенитот е фреска од непознати лица Зелен лилјанов венец од јавето ја крие а на него мртва Офелија спие 2 О кај да ја пронајдам таа златна река Во која тајна сред кое море на која ѕвезда Црна птица ми шепне: таа мртва те чека далеку од ноќта во една светла бездна На патот кон сонот мракот го сретнав прво за мене бесилка прави на едно ѕвездено дрво Претворен во молња ги скинав црните мрежи и влегов во цветните предели на сонот О голема тајно и овде те видов лежиш како самотно сонце под синото небеско ѕвоно Во срцето среќно лудило ти пее а ти на една птица мртва £ се смееш Сакав да те разбудам но дотече нова вода бистра и лековита ме понесе и мене Ти повторно тргна кон чудната слобода пловејќи тихо на зелен лилјанов венец Исчистен легнав до тебе мирен го напуштив крајот и тргнав со тебе низ мракот кон сјајот НЕКОЈ МЕ ВИКА Некој ме вика Од мрачната долина чудна песна иде пред моето празно царство како шумен ветар чука Во долината нешто се збиднува што морало да биде некаква тајна паѓа со илјада звука. Некој ме вика знам ако слезам долу до крајот на светот враќање ми нема А песната ме мами О мој сладок болу од светлоста и мракот не знам што да земам Некој ме вика Јас затворам очи Дали смртта во мракот својот гроб го шара Во таа страна долина мојот бол се точи од исток нова ѕвезда тргнала да ме бара Чудо а за неа врзана за јаже од новата светлост пие света крава а јас насмеан скитник и пијан и блажен кон новата ѕвезда на златна кочија јавам ЗЛАТНАТА ПТИЦА Во празнината меѓу два непознати света светлоста каде црно сено коси пак ја гледам таа златна птица лета и во клунот златен црно сонце носи Лета како некролог Со чудесен пламен времето го пијани и со игра лесна над нечиј сон кружи Под вечниот камен идниот мртовец го води со песна Ќе умре некоја ѕвезда некоја река трева некоја тајна на маса букет со ружи Ќе испари некој ноќва штом птицата се крева и над јавето и сонот како златен куршум кружи Ќе однесе некого ноќва да може во идна доба нешто ново да никне Звук Чуден ветар дува меѓу двата света Јас во мојата соба луда ѕвезда молам од уроци да ме чува. БЕСОНИЦА Слушам по улиците тишината шета непознати бои по таванот сноват Околу мене густа пајажина плетат од светлост и сенки Од заседа ме ловат Готово Затворен сум сред четири ѕида а надвор заборавени часовите течат Со песна војските на бесоницата идат и сред врело море без брегови ме влечат Викам по сонот Ѓавол да го носи на која ли ѕвезда од мене се крие На небото татнеж: челичен дожд роси мојот сон со црни птици битка бие Во собата влегува некој црвен опаш гори изгубен светски петел иде да ме буди Седнуваме молкум на подот па до рани зори двајцата во мракот пееме како луди ВИКАМ ПО СЕБЕ Викам по себе Бескраен е патот па не може гласот здрав да ми го врати Блиска ноќ го јаде Мртво птичје јато густи мрежи фрла сонлив да ме фати Пијан од бескрајот плукам крв што гори о мој огнен дожду на гради што се лепиш Мракот сам се пали Од далечни зори паѓа дожд од птици изгорени и слепи. Викам по себе Сред бескрајот матен Една светла ѕвезда се крева над смртта Мојот глас се враќа како куршум златен и околу мене чудни патишта црта Игра како пчела Миг од мене бега миг со студен пламен по чело ме гребе Дали ќе ме одмине или силен сега слободен од мракот ќе згинам од себе ВЕРЛЕН Ни трага од себе само нож и небе со болна месечина А ноќта злато илјада патој и пак недоречена И јаве што боли и сон што се моли за ноќ без мугреење и сладок бол што пече низ сретсон живеење Ни трага од себе само бол што гребе сред слатко умирање И збор што гори над вечни зори вечно извирање СЕНКАТА НА НЕМОЖНОТО О Неможно Сенко на мојот пат игро на светови во дождовни капки Замислена средба со мојот изгубен брат во сонот што ми иде со прастари стапки О Неможно Сенко на мојот пат Од сите браќа се заљубив прв во нови чуда и една тага чиста На сонце се капам во сјај како крв и ја лепам мојата искршена биста Од сите браќа се заљубив прв О мртви ѕвезди со пак вратен сјај сред идни билки скита добра срна и во мене го затвора најбујниот мај додека над пеколот златни дождови врнат О мртви ѕвезди со пак вратен сјај Те барам Неможно Не треба ред сите нешта низ времето да ги гони Нека мрзне летото и врие северниот лед Нека цвета сè што во мене кришум сони во моите светови јас не барам ред ФРЕСКА Сам сум сред црквата И ангелот на ѕидот како златен витез над времето стои Пред изворот на вечноста ми го дои видот со одамна наслутени но незнајни бои Времето сака да го спепели но се согорува себе со пламенот што му прска од огнената уста Птицата на сонот по чело го гребе и со цвет ја плоди бескрајноста пуста На мракот и заборавот О ангеле златен твојот немушт говор со знаци ми вели крвта од нозете на патот пуст и матен ќе биде светла ѕвезда што во сјајот ќе ме всели На патот кон изворите со огнена стрела ја убивам змијата на стравот пред да ме касне иако смртта испиша на моето чело кој го победил мракот од светлоста ќе згасне ЛАЖНО МОРЕ Море златен блесок на тигрова кожа распната меѓу два далечни срта Игро на ножеви од страотен пожар што околу првиот почеток се вртат Заробеник чиј сум На новата мена или пак на карпите што глуви се пржат Шепни со шумот на твојата пена минливоста каде скриена ја држиш Нова ли сум мисла низ тебе што тече во потрага стара по она што е друго И дури го сонувам мигот нов и свечен веќе сум на крајот Затворен е кругот И пак сè од почеток Пак растеж без корен Пред да ја прескокнам молњата на прагот уште еден чекор кон смртта е сторен низ твојата смеа Море вечна лаго ОТВОРИ СЕ МОРЕ Дали сончев ветар што дувна од сонот под сачот ме фрли како прашок цветен Па сега сум татнеж на скршено ѕвоно што по матни друмје бара предел ветен Те открив ли мисло во тајниот корен кога буден сонам непознато Море Море огномету од вода и блесок Море детска игро на пијани далги Дали ти ме фрли на жешкиот песок јас галија гнила во мрежа од алги полуслеп да гледам чудна дијадема во нечии очи што сега ги нема Жено мисла ли си на новото Пладне Мрак во свеста златна птица што си Збор незборнат планета од магнет Мисла што в бесмисленост ме носи Кога лач ме крева кон бескрајот горен Кога буден сонам дно на ново Море Или сум црн камен изронет од замор што на брегот паднал жедта да ја гаси А Морето стои како кип од мрамор Отсутноста дали плодот ќе го спаси Искрши се небо размрдај се пено Пак напој ме Море ти отсутна жено Дали треба нешто внатре да се скрши апорија стара од свеста да падне Но што ќе се случи ако мигот сврши и мрак го стегне ова лудо Пладне О чудо: низ сачот скита црна болка а Морето молчи во огромна школка Разбуди се Море сончева поемо неслушната музико магијо на смртта Забест мрак ме гледа од небото немо и на грбот тајни пораки ми црта Разиграј се водо в рака ти е пленот Море сон недосонет ти отсутна жено Патот кон слободата минува низ тебе до гробови празни морнарите дремат а идната бура под свеста ги гребе сонуваат ветар а него го нема Невремето кружи изгубено само Море сина жено отвори го храмот Магепсана тајно неподвижна змијо скрши ги оковите на старата вода Од нови метафори нека дувне виор да отпловам тихо на својот бел одар Во вителот каде спомените вртат со збор да го урнам светилникот на смртта Зборовите паѓаат како птичји гнезда Времето е роб на некој златен полип Да продолжам, каде... Ветената ѕвезда пред да се роди невозможно боли Море мудра жено со студени бедра Кон кој молк да тргнам со скинати едра БЕГСТВО Како уморна клепка се затвори пристаништето зад нас мракот ги залепи сите пукнатини О дали ова е умирање во мрачната соба на ѕвездите сред темни огледала зад сончево предвечерје Не се свртуваме Од осветленото јаве допираат гласови на мермерни ангели Времето виси на јарболот Зад галијата Ноќта е комета со опашка од проклетства На клунот фенер мижи а понатака морето шуми како гробје во доцна есен О дали ова бегство е пат до праизворот на нештата Или е тивко сомневање во смртта во пепелта ИТАКА Неврме ли беше бол по патот млечен од алги и далги в мигот што нè врами од маглите влечен од глувоста речен мигот што нè фрли зад Итака сами Низ помисла тајна минува крај нас галиите чудни соништата блудни Патувавме бледи низ магмата знајна црн збор да нè буди бел бол да нè суди И потака Итака се удави зад нас последната ѕвезда на чело ни згасна сред белото гробје под морската пена Останавме сами со крик што нè рани сред морје од бигорје што не ќе нè брани од гладта на студот што зад нас се крена ИТАКА ЈА МИНАВМЕ Итака ја минавме но по неа каде времето кога ко скинато знаме се изгуби зад нас почна да нè јаде бескрајниот сомнеж тежок како камен Итака ја минавме но по неа каде Дали пат е таа осветлена црта што северна светлост од некаде краде од нас да го сврте погледот на смртта Не повлече тогаш непозната струја кон градот што тихо излезе од мракот О нашата песна дали ќе ја чујат мраморните ѕвона под светоста чиста Или пак и тие ќе го пратат знакот во предели други да бараме пристан ЕДЕН ДРУМ ЛИ БЕШЕ Еден друм ли беше сред илјада друма на матната светлост кон она што е она Нè залажа лекот на туѓата шума чии чудни сенки сеуште нè гонат Не прелага мракот Над ридјата сиви Останаа бледи светулки да светат Во морското гробје дали бевме живи Или пак виножито на идните лета Таго стара таго на старата клетва што нам ни ја даде најтешката жетва на својот пат сами да ставиме точка Кога бевме в мракот со едната нога свеста ни ја вратија три ловечки рога од идните утра што молеа прочка БЕЛАТА ГАЛИЈА Таа бела галија почна да нè стрви кон морето што ни даде леб по патот Гладници ли бевме: трети втори први Или бевме ништо во ништожно јато По морското друмје баравме ли нешто Трупови ли бевме со мирис на темјан Подводните шилци ги минавме вешто а секаде море а никаде земја Таа бела галија почна да не каса со остриот крцкот на трулите штици Кој ли крик на мракот сега ќе не стаса Барајќи го така сопственото его нè освести шепот на незнајни птици од Арктикот мртов што го јаде снегот АРКТИЧКО ГОРЈЕ О арктичко горје што лач ни се стори бела морска сенка што бледо не сени Крик ли си на времето што себе се гори и в оаза пуста чека нови мени На нашиот поход знакот ли го бараш сјајот ли што го убивме ко волци галијата оди кон легенда стара кај што нема тајни гребени и колци Шумот на Атлантикот дамна не се слуша О ледено горје на нашата душа бараната смисла кој ли ќе ја рече Во топлата бездна дали ќе нè врами звукот на кршењето топло што не мами од тајните дворци на блискиот глечер ПАТОТ КОН ГРАДОТ Кога бевме робје на старото море под голите карпи нè намами снегот Нè закова како огледало бледо на патот што беше сон долу смрт горе Од тропските жеги до карпите сури на Арктикот мрачен што замрзнат дреме нè следеа чудни соништа и бури кон градот што грее во нестварно време И стопати градот ни беше пред очи но никогаш не ни пружи топол почин под своите сонца и своите ѕвезди На карпите сега сме светилник студен нов знак за трагачите кога в часот суден ќе тргнат кон градот низ морските бездни ПРЕТСКАЖУВАЊЕ Ми претскажа сонот: може ќе се врати мигот што ме фати пред тајните врати на морскиот затвор кога ќе се скрати крикот што ме фрла во предсмртни трла А морето тече Кој ли ќе ја рече мислата што како благ отров ме труе (Морето е чувар на затворот вечен) О слободо блиска кој ли ќе нè чуе во твојата глувост во мојата лудост кога станав полип што себе се дави барајќи во тебе рамнодушно чудо Глеј течеме така кон празнини чудни на галии трули кон незнајни слави ненајдени в сонот: и чисти и блудни СМЕШНИОТ КОВЧЕГ Во својата глава измисливме кавал што лажно ќе звучи во расцветот иден Нè поеше тогаш непозната крава по својот пат млечен што сон ќе ни биде На несонот урнат се сторивме урна во морското гробје што спокојно лежи А нашата мисла во градушка бурна самата се лови во своите мрежи А околу мртви градиштата спијат предзнаците бледи во нив ли се кријат на нашата сенка што нè бара горе В часот кога ѕвона ѕвездите ги ронат черепите наши какво време сонат во смешниот ковчег на смешното море КИПАРИС Спи спи и пак спи Огнот е згаснат и корењата не ти ги пржи Спи лудо дрво спи Столбот на времето кој ли ќе го држи ако на полноќта црн врв не си ти растеж во тишина што нечујно ги крева просторите низ кои гром изгубен сева Спи лудо дрво спи Љубовта е само испразнета пушка во ѕвезда непозната во змија отровушка во миг заборавен чиј лилјан ме гушка како чудна жена чиј мирис е пена на некое море што нема свој корен Спи лудо дрво спи И беше зборот но и тој пепел би на прастар метал што нестопен се сви Металот е метал времето е мерка што тихо го мери последниот здив Спи спи и пак спи Гасни во својот сон ти старо дрво иако тебе те побарав прво ме прелага црвот што слезе од врвот на твојата пустош на твојата самост Зенонова тајно омего и гамо Кипарису каде твојот крик се скри кога беше зборот а зборот пепел би СЕКОЈА ШКОЛКА ИМА СВОЈА ШКОЛКА Секоја школка има своја школка секоја школка носи своја болка болка вртисонка болка огномолка болка неоплодена сред два црни молка А првиот молк е реката што бега и пустина нова во морето сони а тоа пак мислата свесно и ја стега (страв ли од слободата подсвесно го гони) А вториот молк е желба да се скинат водените пранги што брегот го кријат Но кога последните стапки ќе се минат на брегот е чувар непозната змија И болката молчи во својата школка болка вртисонка болка огномолка Во гнездото што ги крие двата молка глеј школкта мрее во својата школка ПАЛМА Во сонот на сонцето во незнајно време во чудесен предел крај заспано море дали луда ѕвезда фрли мртво семе па палмата во крвта ми пушти жилав корен Во сонот на сонцето во незнајно време Па сега сме меѓа на вечните тајни самите затворени под шумното ѕвоно на старото море и зборови знајни слушаме само во слапот на сонот Па сега сме меѓа на вечните тајни Од памтивек скитаме по нашите чела ја бараме магијата на идните лета Но лек не пронајдовме за идните опела што ни ги предскажаа три волшебни цвета Од памтивек скитаме по нашите чела А небото горе во недофат расте и некоја птица што бега од себе и некоја ѕвезда што полека гасне и болно се крши на морскиот гребен А небото горе во недофат расте Долу длабочините се очи на жена што својата болка во сино ја кријат и чекаат некој љубовник од пена од сонцето да слезе жедно да го пијат Долу длабочините се очи на жена И ние сме тука палмо жено моја кај просторот е мртов и времето не тече Гледаме како брановите се ројат го чекаме зборот што не ќе се рече И ние сме тука палмо жено моја Чуј во пијан вител соништата се вртат о каде е топлината на твојата рака Во пределот каде морето ги црта нашите сенки изгубени така го чекаме животот заљубен во смртта РЕКА Во едно чудно пладне сонував сребрена река што во зборот извор го бараше својот корен а зборот беше птица што залудно се чека да долета од сонот на некое мртво море О реко без почеток Изгубена во време што лудо се врти по својот ѕвезден опаш во кое зрело Ништо ‘рти твоето семе во кој плоден Бескрај брегот на сонот го копаш Низ нас се преточуваш Дали си златна црта оставена од светлоста или си вселенска бездна што треба да се мине за да се прескокне смртта на патот што нè води кон бараната ѕвезда Додека лежиме празни на врелите песочни зрна и го чекаме зборот што никогаш не ќе го речеш Реко без среќен залив гатанко златна и црна во кој агол на времето сама со светлоста течеш ЗМИЈА Ми се стори прстен што мигум со денот во сивиот поглед нечујно ме врами Игра ли ѝ станав или сон за пленот што од мојот несон спокојно го мами Околу по грбот на жешкото пладне започнаа ледни морници да лазат А таа ме стегна како ѕвезден магнет Станавме две ѕверки што смртно се мразат Чинам многу дништа изгаснаа крај нас Долго еден кон друг сме напната стрела барајќи ја тихо спротивната тајна Со години чекам вечноста да згасне таа чудна змија на карпата врела со благиот отров в чело да ме касне ВО СОНОТ ЅВЕЗДА НИ ПАДНА Во сонот ѕвезда ни падна Под сребрените гранки на ненадејното време спиеме со стопени тела Ти го ловеше мигот како светулка на дланки јас го кршев мракот што висеше над нашите чела Ѕвездата падна и умре Ти шепотеше тихо за некаква феникс птица во правот на сонот што спие Небото го прошара оган На тајниот извор на стихот ранета срна дојде од вечната вода да пие Ѕвездата ја закопавме во нас Побегнавме од студот што слезе од висините и почна да нè дави Во еден осветлен камен се случуваше чудо Чувме тишината шепна: птицата ќе се јави Од белиот гроб на ѕвездата летна златната птица и небеските часовници со студен сјај ги стопи Сè започна од почеток видовме на нашите лица праизворот почна да прска и сјајот на смртта нè опи НОЌ Некаде блеска оган Гасне Пак се пали Некој изгубен скитник се бара самиот себе А ние лежиме во постела од маховина под лакот на ѕвездите што паѓаат како златни стрели О небото допира шум на крила Птица одлета кон врвовите на исток што се белеат О кое Јаве почнува зад црниот ѕид на шумата што сонуваат мртвите во мракот на тихите долини Времето како мисла минува крај нас Чудно немавме волја да се качиме на неговите кочии Твојата глава ми лежи на раката додека слушам некаде далеку се урнуваат железните градови Некаде блеска оган Гасне Пак се пали Скитникот ме препозна и вика по мене Дали ја бара птицата што одлета во големото ништо од мирните гранки на твоите клепки СВЕТИЛНИК Чудото така се случи Најпрвин морето згасна Од гроздот на денот истекоа темни води Морската ѕвезда на мракот со студени усни нè касна па заспавме во чунот што никаде не оди Луњи од стари зборови започнаа да се вртат минатото стана миг со идните утра скаран Видовме зад надежта и болот на два срта две изгубени искри тргнаа да не бараат Светилникот не откри далеку од свеста далеку од времето бездните и ноќта што во себе не затвори О дали сега вестат нов извор на музиката боите и моќта Некаде запеа птица Невидлива рака ги скина синџирите во кои не окова ноќната мора Чунот некаде тргна Подводниот гребен го мина и видовме зад смртта нè чекаше топла зора ТИ, ЗАД ТЕБЕ ПРАЗНИНА Те видов: румена од зората стоеше на брегот Светлоста во косите ти плетеше златни снопја Под тебе мракот ја лижеше шумата А снегот на јавето околу креваше ледени копја Ти беше лач и волшебен глас што прво сè околу себе разбуди и ја скамени смртта Цветот на љубовта го стори вечно дрво околу чиј сон сега темните ѕвезди се вртат Окoлу кружеше морето А мене матен вител од звуци ме фати и стори мирис од темјан Станав мост меѓу тебе бреговите и дните што одамна минатото ги закопа во туѓа земја Те видов: румена од зората стоеше на брегот на клепките мракот знамиња на предавство крена Шумата од смртта се лекуваше А снегот на јавето те закова за чудесна карпа од пена ОГАН, ЛИСЈЕ Спиеш во ноќното кралство на мртвото лисје кога сртовите се декор за невидена драма Погледни некаде високо блеска страотен пожар Лудо полноќно сонце ја пали Кумовата слама Слушаш по толку векови лисјето повторно шушка за тајните на зборот Вратата на сонот е тесна морето да го пушти што грми со пенлива пушка и брегот што се рони од нова бродоломна песна Гледај како над нас гори познатата слика и нова неизвесност во темните шуми нè чека Лудото полноќно сонце со немушти знаци нè вика Од темните стерни на некоја ѕвездена река На левата дојка ти спие светулка црна Самотна птица кон темните гори нè мами На работ на времето трагични дождови врнат Знам кога ќе престанат во смртта ќе бидеме сами МОЛЧЕЊЕ НА ДОЖДОТ Дождеше а беше старо време и лето во некој сплит на некој прастар плочник стоевме изгубени од чадорот на цветот што ни го посади тој август во очи Дождеше а беше старо време и лето Сонцето нè остави пред Златната врата заљубени во времето измислени од смртта бел пречек на оние што не ќе се вратат што сега по морските беспаќа се вратат Сонцето нè остави пред Златната врата Чудно збор ли баравме неречен и таен или пак се ловевме во престапни сништа Во некоја стара убавина што трае на времето и вечноста во идните дништа Чудно збор ли баравме неречен и таен Дождеше од сите прозорци и стреи нè гледаа заљубени галеби а ние скитавме во сонот по ѕвездени леи и баравме грешна шума да нè скрие Дождеше од сите прозорци и леи Дали зборовите морето ги сокри па молчевме кога треба да се каже тајната што нè заборави мокри па сега со еден морски дожд не лаже Дали зборовите морето ги сокри Си спомнуваш беше старо време и лето во некој сплит на некој прастар плочник што ни го посади тој август во очи Си спомнуваш беше старо време и лето БАЛКОН Во сонот на некоја ренесанска зора расцветал тој балкон како цвет од мрамор Плод на мртва љубов и полноќна мора што чудниот вајар ги носел на рамо Тиха болка крие таа арабеска за дамнешна смрт на незнајна жена И ете останала низ времето да блеска во камена резба тажна кантилена Стојам под балконот со бездомна птица што долета од мракот на есента влажна Во молкот ги оживувам сонливите лица на чудниот вајар и жената тажна Гласот им го слушам: во животот е така Таа што ја бараш смртта ти ја зема Пред да ја најдеш А кога со рака Таа ќе те повика тебе ќе те нема МАЕСТРАЛ Дали маестралот во кутија од злато морето го сокрило во тајните бедра Па сега се скаменивме со пладнето на патот со скршени срца и спуштени едра Морето е пустина а секој збор птица што жедна лета кон некој ѕвезден поток А ние сонуваме изгубени лица што пред нас нашле тих пристан на дното Дали маестралот в очи ни се крие и несвесно во белките го стегаме сами Па сега сме распнати во денот што врие и идното патување од далеку што мами Пријатели среде заспаните води старата гатанка на животот нè сретна Времето крај нас по два пата оди еден кон дното друг кон палма цветна ДОЖД Пак дождот се доближи со нечујни стапки и сонот ми го покри со два мокри цвета Над морето запеа хор од звучни капки Бело птичје јато на клепки ми слета Палмата се разбуди и рацете ги крена кон сонцето што згаснато во морето лежи Рибарите се вратија и облак од пена извлекоа на брегот во старите мрежи Девојка и момче стркалаа смеа по лудите поточиња под нив што се вртат На нестварен прозорец под ѕвездена стреа заборавен сликар ја црташе смртта Тишина во собата еден букет свенат биеше со есента во далечно ѕвоно Пак заспав и видов како гола жена со песната на дождот ми влезе во сонот ПОРТАЛ Бродовите одамна заминаа О таго три годишни времиња се сменија и никој не се врати Не чувме глас на прагот на времето и морето Стара слико избришана во очите истечени Во сонот радоста ни одлета со есенско јато Никој не се врати ниту удри ѕвоно да ни јави: пристан пронашле на патот Викнете го вајарот од нашата болкa да направи портал на Златната врата Тежок како времето мрачен како школка крвав како оние што не ќе се вратат Дојките и очите ни секнаа О таго од морското друмје в сонот што ни слезе Направете портал од мрамор над прагот смртта да го бакне кога по нас влезе ПЕСНА На острите сртови на некој ѕвезден гребен некој ден ќе пукне животниот конец Сепак кога удри последниот ѕвонец ќе шепнеме: во смртта се најдовме себе Зад нас топол сон ќе остане да спие ќе блеска во тревите траг од стари стапки Од идните дрва ќе се ронат капки во нивната светлост ќе бидеме ние Над нашите извори ѕвездени и чисти некој сличен оган ќе продолжи да гори И пак ќе се љубат во идните зори нови заљубеници на нас слични, исти На вратите на јавето залудно ќе чука нашата во невреме изгубена река На некое беспаќе вечно ќе нè чека и не ќе нè сретне иако сме тука ХАЛЕЕВАТА КОМЕТА Годинава таа над нас ќе се јави За да почне со нас претстравот да копа. Вселената тогаш свој празник ќе слави, А ние ќе гледаме в нејзиниот опаш. По еден наш живот доаѓа да сети Дали таа Земја в зеленило стои И кој таму нејзе судбина £ крои, Дали сме просветлени или уште клети. Ќе гледаме така низ стравот во мракот Како покрај неа ѕвездите се вртат. И додека таа го свршува лакот Ќе сфатиме дека кругот £ е вечен. И не ќе ја видиме вторпат оти смртта Таа ни ја праќа од кај Патот Млечен. ГЛАС На Мајка ми 1 В дворот влегов в полноќ. Сите спијат. Застанав пред порти. Зошто да ги будам? И на Прагот седнав. А некоја Стија Од моите лудила, од моите чуда Почна да се врти и да праша како Векот си го минав далеку од Прагот И како го скршив на животот лакот И самиот зад себе го загубив трагот. Ко судбина молчев. И седев на Прагот. Полната месечина зад горите пројде. А спиеја сите. Јас чувствував благост Под дворната слива што ширеше мирис И во таа зора немоќен ме смири. Но, тогаш глас слушнав: „Синко, ти ли дојде“?“ 2 В дворот влегов в полноќ. Ноќта-сива. Трагична месечина зад облак се крие. И на прагот седнав. Осиротен лилјак Ми кинеше гради. Чинев, лудо бие Некоја камбана од потсвеста врела. Додека ја сонев таа дворна слива Ја видов, ме гледа, расцветана, бела, А сведнала гранки како да е крива За смртта што дошла. Чини, не го сетив Мирисот на темјан и крикот што траги Остава в кандилото што в гробјето свети. Сам на Прагот седам. А сливата шири Невестински мирис со спомени благи. И во таа полноќ повторно ме смири 3. На Татко ми В дворот влегов в полноќ. Мртво време. Дворната чешма капе ко да жали. Сонува цигара, секало и кремен На оној што минал, за да праша дали Морало сето најтака да биде? Боровите шумат. Над нивните плеќи Ќе мине и она што допрво иде. На нивните гранки ќе запали свеќи Некоја чудна вонвременска птица И како во некој фантастичен дворец Заборавот ќе ги гушне сите лица Што не ја ожнале животната нива, А ниту пак крикнале: О темпора! О, морес! А јас крик им слушам под дворната слива. ПАТ На Н. Мандељштам Го чекаше, нежна, да го сони сонот Сонувачот кој е и никаде и сегде. А сонот го урна претсобното ѕвоно Со стравот на звукот кој го носи негде. Тој насмевнат тргна кон муграта сура, Чекајќи осамотен за да види како Зората се лечи над снежниот Урал, не мислејќи дека пред него е мракот. Одеше безгрижен. Без сибирска тројка. Но, мислите в свеста ужасно се ледат. За да, сам, се праша: мртва ли сме бројка Зад светлите реки: Об, Енисеј, Лена? Но, вјугата тогаш почувствува следа, - Го газеше снегот една црна жена. 2 Чекореше сама низ соспи до гради Низ вечната тајга, барајќи го духот На оној што минал, а оставил траги На белите брези, да го најде слухот Во шумот на времето што пред неа оди И снежната бура што ечи и каса. А црниот насмев некаде ја води И снежната мисла да стаса, да стаса..., - До некоја блиска Осипова песна В сибирскиот бескрај што тихо се губи... Јас, верувам, тогаш, паганската Весна. Ја гушнала таа најчудесна жена Што покажа како смртен стих се љуби, - И животот дека не е - морска пена. НА ТИН Пред споменикот на М.Марулиќ Испловивме сами кон мугрите нови. Бродот ни е гнилеж, но сè уште плови. Низ сите невери, знам, мудро ќе мине, Ти навигај мртов, ко жив, барба Тине. Да минеме светли низ брачката бура И низ сите морски маглишта и тајни. Зада не сме мисла, безначајна, штура, Ко брачкиот мрамор да бидеме знајни. А потоа, тихо, в мемлива коноба Ќе пиеме вино од прастара бочва. А јас ќе ја сонам твојта темна доба Што в твоите очи ко корал се жари. И, тогаш, пред Марулиќ, на твојата почва Страотно ќе крикнам; „Гремо ми, пунтари!“ ПЕРИСТИЛ Дали, пак, ме умиш светол Перистиле? Столбовите твои сè така се исти. Паметиш? (Јас памтам), - заедно сме биле Сонувачи морски, најкорално чисти. Думаш, Перистиле, твојот страствен барок Исклесан од ѕвезди и чудесни лица Го сонавме тогаш ко Лудост и Старост Кога бевме иста изгубена птица. Чинам, пак ја памтиш таа стара доба Кога бевме двата камен од плочник. Споменот е тежок. Во најбурна Коба Ти младееш камен, јас премрежив очи. Споменот е Карпа. И пак ќе нè гледаат Тие свидни лица што мраморно дремат. Додека те сонам мрачнината бледа Те покрива Тебе, а мене ме зема... СПАРТАК Легиите чекаат. А тој чуден чудак Од својот мал олимп се спушта со јаже. А ниските мислат: најобичен лудак Со слобода лажна тој нас ќе нè лаже. Го гледаа како карпата ја јаде И пламенот грозен в очи што му сева. Го гледаа, виси, и шептеа: каде? А нему му личеа на најситна плева. На карпата виси. Очекува копје. Чудно, никој војник не истегна рака. Додека ситните стуткани ко снопје Чекаа милост и мислеа како На острата карпа тој за нив се раѓа Не гледаа како тој самотен паѓа. ЧЕРЕПОТ НА ЈОРИК Смири се, душо... Над данските зори Бурата иде мракот да го сее. Смири се, смири. Черепот на Јорик Во рака го држам. Беззабно се смее. Сети се, душо. Тој арлекин чуден Миг шутнат и улав, миг таговно смешен, Миг в претсмртта пикнат... Јорик беше буден... За сите трагедии најтрагично свесен. Смири се, време. В немоќната рака Черепот, ко дух, сака да ми рече: - Душата ја смири. Само, тивко, така Ќе сознаеш дека Елсинор е лажен И времето кое низ череп ми тече Мигот ти го брои, мој Хамлете тажен. КУЛАТА НА ТАТЛИН Ја замисли, видник, ко небесен јуриш Московското небо со става да го пара: По сите октомвриски раѓања и бури Очите на светот во неа да жарат. Некаде над прагот година да кружи. Земјината топка сама да се гледа Во новото време сама да се дружи Со оние кои треба да го следат. А над годината триесетте дена Без деноноќие да вртат, да светат, - Неизгаслив факел на новата смена. А потоа денот ко кремаљско ѕвоно Светол да ја гледа новата планета... Но, сонот на Татлин остана во Сонот. МЕНАДА Ја откопаа во невреме. (Танчерката сама). Од црниот бунар на вечниот покој. Од неа ја измија вселенската гама И тихо го урнаа вековниот спокој. И чекаат игра. А таа ги гледа Со кренати раце и разигран чекор. И не ја сфатија сопствената беда Во нејзиниот потсмев и тажниот прекор. Пред неа коленичат. А таа се смешка Во камена игра што в сон им се мрешка. Чекаат да разигра нозе, раце, коса. Можеби ги бараат скриените среќи. А таа, штом згаснат, ќе дојде со свеќи И сама ќе заигра, вонвременски, боса. ОКАРИНА Августовска полноќ. Свири окарина. А во сонот слушам познат глас ме праша: (Глас на мртов другар што пред нас си мина) - Уште ли се врти деноноќта ваша? Дали уште кружи планетата чудна Кај оставив коски за вселенско време? Кај што си ја најдов судбината судна, Кај што станав прашок ко раскоскен кремен? - А, што да ти речам, бесчовечен човек Сè уште е во нас и страотно гребе. Наместо да сме просветлени довек, Добрината да ја растеме во себе. И во таа чудна августовска вечер Покојниот другар в полусон го прашав: - Постои ли време в отсутноста ваша? Тажно згасна гласот. Ништо не ми рече. Го турнаа борот Го турнаа борот Го турнаа лекот Го турнаа зборот Го турнаа векот Ќе исчезне хорот Што зборот го турна Ќе остане зборот Во задсмртна урна Ќе излезе зборот Од мрачната урна Ќе израсте борот Од фрлено семе Во добата бурна Пак ќе брои време КАРИЈАТИДИ 1 Што ја чекаа подигнаа столбови. Да го испишат времето над влезот на дворците Не знаејќи дека си копаат гробови Кај што ќе се скријат за да не ги виде Ниедно, смртно, љубопитно око. Да не знаат, смртници, дали со нив иде Просветлено време или смртен спокој. А каменоресците со вечното длето Затворени в себе си шептеа: види, Дали со столбовите го креваме светот. На кои изделкавме сè што ни е в душа Свесни дека тие каријатиди Зад сите посмртија нема да се срушат. 2 Ѕидаа над нив бели акрополи Мраморни портали на мрачни катедрали. А каменоресците се прашаа дали Над нивните коски времето се моли. И дали тие волшебни апсиди Го чуваат звукот на тешкиот чекан. И раката што рече на каменот: биди Роб на иднината за да сфатиш дека Нашиот црн профил на твоите гради Изделкан во аголот од нашата рака Од гнилеж го кријат сите колонади. А сепак иднината, бел камене тежи И околу тебе изгубена ака И не те остава спокојно да лежиш. 3 А каријатидите времето ги јаде И фризот тихо ко прашок се рони. Минатото време идното го краде, А векот што иде стариот го сони. Чуј, шумат вековите ко изгубен ветар И над нив мракот злослутнички паѓа. Мраморот го јаде надземниот етар Мртвилото тихо над светот се раѓа. И каријатидите сè поладно греат Црквите на духот страотно се ронат И посмртни хорови над нив тихо пеат. О, цивилизацијо, претсмртна и луда Погребните ѕвона слушај како ѕвонат. Оклоп да ти дадат можат само - чуда. ЗБОГУВАЊЕ СО МОРЕТО Се вратив крај брегот. Тих, истоштен, чуден, Барајќи го в сонот тој излокан камен. На него да седнам од патишта слуден, Во таговни рамки самосвесно врамен, - И осамен. Се вратив крај брегот. Маслинката дреме. Што еднаш ко мајка ми го даде лекот, И ме врати тајно во моето време, Вторпат да го сфатам чекорот и текот, - На векот. Се вратив крај брегот. На каменот седам. Морето се пени. Исфрлува школка. Ко минато време сега јас ја гледам, Пронајдени исти во два црни молка, - И в - болка. Се вратив крај брегот. Школката ме сони. Јас над својот немир видов птица лета. И се прашав: мојта совест ли ја гони? И дали е таа света и пресвета, - Ил, проклета? Се вратив крај брегот. Птицата се крена Кон чудното време што в клунот и стои. Кругот ѝ го гледав. В нејзината мена На школката таа мигот £ го брои, - И - промена. Се вратив крај брегот. Морето е лудо. Сопствената школка страотно ја бара. На каменот седам. Очекувам чудо Од идното време што бајка е стара, - И - лудост. Умирам крај брегот. Морето ме гледа. Како сомнеж кого го сакало многу. Чинам тогаш сфати: мојта лика бледа Ќе си оди тихо со својот чист логос, - Без- збогум. ЗИМСКИ ПАТ На Т.Шуљженко Дали јаве беше или пак сон чуден? Двајцата заскитавме кон смрзнато село. А денот беше од снегови слуден: Што баравме, не знам, дали тоа бело Време нè влечеше кон некоја тајна Непозната уште, што в потсвеста тлее. Или пак кон колиба, далечна, а знајна Што нашите распаќа тихо ќе ги згрее. Дали јаве беше или пак сон чуден? Двајцата да тргнеме по патеки разни. А можеби тоа беше патот суден. Покрај колибата изгубени така Поминавме глуви, ништожни и празни: И еден на друг не пруживме рака. ЗИМСКА БАЈКА На М.Ренџов Заскитавме оснежени кон тој светол срт Кон именки многу кон магична смрт Сонејќи го Зборот со значенки други Сред пушкински вјуги низ баховски фуги А црните борови облечено в бело Ги баравме луди со фенери, санки Во нивните гранки на нивното чело Да најдеме в мразот две стоплени дланки Кон тајната светлост во потрага -пак, - Го влечевме на грб сопствениот мрак Но дури се над нас сртовите снежни Ќе скитаме в себе и тажни и нежни Претсмртта тогаш ќе запре ледна дланка Ќе јуриме време в белоноќна санка Во потрага вечна кон Зборови други Сред пушкински вјуги низ баховски фуги СЛИКА, ГРОБЈЕ Во старото гробје една стара крушка Стоеше сама гробот да го чува. Свеќа да не згасне. Ветер да не дува. Песот гробољубец нигде да не душка. А околу иње. Гробовите - бели. Патеките мртви никој не ги минал. Гробарите молчат: никој не се сели... Ќе копаме мисли. Кој дар ќе ни дели? Гробарите стојат до појас во снегот. Камбаната молчи. Нема ничиј почин. Кој денес го чува сопственото Его? Со ракија тие го смирија бесот. И зимската клепка им падна на очи. А во сонот снежен нив ги стопли песот. ПРОЗОРЕЦ, МАГЛА Маглата кога од внатре ја гледаш Задскриен зад завеса, немоќен, а свечен Таа ти ја следи последната следа И цела ноќ те чека да ти рече: - Твојата магла што в свеста ти врие И ко вулкан фрла измислици, лаги, Никогаш таа нема да ги скрие Твоите несреќи, болови и таги. Завесата игра, а зад неа гледаш Маглата како се пласти ко волна: И како ја уби зорницата бледа Зрак да не £ видиш (Тешка, тешка казна). И дури мислиш дека душата е полна Сфаќаш дека таа премногу е - празна. ПОЧЕТОК НА ЕСЕНТА Надвор, - врне, врне. Сам со Миса в соба Која ми се стори небото го крши. Како да ме праша: во која ли Коба Мојот црн средживот полека ќе сврши. Надвор врне, врне. А далечна зора В дождовните капки започна да руди. Надвор уште врне. А в душата горат Три заспани молњи. И тој ќе ме суди Штом тие ќе блеснат, барајќи го сонот На мојот црн несон што полека вене? А клавирот грми. Започнува ѕвонот Ко дожд од метеори над свеста да паѓа Со твојот тврд насмев, тажен Бетовене, Над мојата тага што звукот ја раѓа. ЗОРА Запали ја последната цигара и, - седи. Испи ја последната ракија и, - молчи. Ѕвездите ги гледај изгубени, бледи, Сонцето како со светлост ги толчи. И ќе сфатиш дека пак нов ден се раѓа А тебе полуноќта ти е мирен спокој. Сам завеси спушташ. Повторно се раѓаш В црното време на твојот бел покој. Во темната сенка што мислиш те крие Ќе те најде светлост од која сам бегаш. Надвор сонце блеска, а в срце те стега Ѕвезденото време. Не го трпиш зракот Кој те ослободува, па под него сега Сонот си го бараш самотен во мракот. ЈАС НЕ ЗНАМ... Јас не знам што се случува со мене. Не знам кое нешто некаде ме води. Миг во свеста паѓа и пак ќе се крене И грозно ми вели оди, оди, оди Низ патишта груби, низ патишта луди Таму ќе ја најдеш сопствената смеа. И тивко ќе крикнеш: Смртта не ме чуди! Пријатели стари ние сме со Неа. Меѓутоа, таа сè уште ме гали Ко најнежна жена, со најмека рака, Самиот се прашам: Мене ли ме жали Или пак иронично зад грб ми се смее? Ме прегрна нежно и ми рече вака: - Сè полека гасне. Ништо вечно не е. МИСА СОЛЕМНИС Над сводот ѕвезден пее свечен хор И грми чудна небеска хармонија. Чинам ко лач паѓа в ноќта секој збор Над чудесниците што тихо ја сонија Сопствената претсмрт, ил’ надсмртта нова А не ја пронајдоа сопствената Миса. Изгубени негде в средноќта сноват Барајќи го в мракот небескиот клисар. Да отвори ноќник мрачна катедрала Звук да си измислат кај не пее хорот Сами да ја пеат својта тажна фуга. Судбината сето што ним им го дала Да го сретнат негде в сржта на зборот. Сами да ја најдат иднината друга. СОНУВАЊЕ НА ИДНИНАТА Ја сонувам иднината. А вие штрбест волк Од старото минато што тихо се гаси. И стоиш на распаќе. Отсекаде молк. И чекаш од некаде некој да се гласи Некој од Утре што молкум ќе стаса Каменот разделник да го урне тихо На својот бел Пегаз што полека вјаса Од мрак да ја спасиш светлоста на стихот. Ја сонуваш иднината. Очекуваш лик Што в небеска бездна твојот миг го фаќа. Но, тогаш го слушаш сопствениот крик Со крикот на коњот кој наеднаш липса. Докасаа тогаш четирите браќа Низ тешките магли. И - Апокалипса. ПАЈАК Чинам, го видов кога бев дете. Во еден агол - ништожност мала. Лигави конци мрси и плете. Лудоста почнав да му ја жалам. Помина време. Не ќе се сетев На него кога влегов во младост. Со страв го видов: тој мрежа плете Во една полноќ над сонот на градот. Тогаш го сфатив: ноќник е таен Кому му растат огромни жлезди, Со кои цврсти јажиња ткае. И в една мугра го видов како Тој мрежа фрла кон бледите ѕвезди. И ми се стори- пак паѓа мракот. МРАВКИ Утрово ги видов в лебот, ситен рој. Се чудев од каде така ситни влегле. И не сакав со нив сам да водам бој; Се прашав дали од ѕвездите слегле. Налутен ги гледав: лебот ми го јадат, А тие си кружат во правилен строј. И тогаш ги сфатив: тие не ме крадат Туку си го бараат земскиот дел свој. И случајно видов од дворната бреза Гранката им служи како зелен мост. Гранката ја скршив. Од каде ќе слезат Колоните сега што си одат молкум? Од нив не ќе имам ни заскитан гост. А бараа ронка. Само - толку. НОВА ГОДИНА Уште една година сме постари. Па, - фино. Со лачот сонцето ни мавна ко со рака Низ духовни маглини. Дајте вино На идната минливост, само така Ќе влеземе во времето што безмилосно нè гони Со својата кочија низ ѕвездите што скита Далеку од нашето претсмртие додека нè сони Смртта што по нас најмилозно ита. Дајте вино. Во тој црвен блесок на крвта и светлоста да видиме како Секундите ги рониме ко в саат од песок На идната минливост, само така Ќе влеземе во времето што безмилосно нè гони Со својата кочија низ ѕвездите што скита Далеку од нашето претсмртие додека нè сони Смртта што по нас најмилозно ита. Дајте вино. Во тој црвен блесок на крвта и светлоста да видиме како Секундите ги рониме ко в саат од песок Дури да не покрие со прашина мракот. Уште една година сме постари. Па, - фино. Уште една година оравме со плугот Во бавчата на животот. Дајте вино! Уште еден круг изоравме во квадратот на Кругот. ДОЈРАН, ДОЖД Чунот на сонот ни мина низ свеста И така нè зароби друго време рој глуждести дрва двосмислено нè гонеа додека во зелената рака на езерото ко ѕвезда згасна секундата прва И станавме водни сонувачи Лудо птичје јато над нас ја скокоткаше езерската мора Но тогаш заврши Ко метеор од злато се појави и згасна секундата втора На клепките тогаш ни легна зелен камен Искинати спомените минаа како чета А врнеше кога во нас како пламен полета и згасна секундата трета И така се збогувавме со времето Во нас иднината чекореше со нечујни стапки А сетака по грбот на езерото ко ѕвона Радосно удираа дождовните капки DE PROFUNDIS Заминаа секундите кон невраток, низ сто пата, - (Ред стоноги, чета мравки, капа жито). Им мавнаа на пат непат рој светулки што се златат Низ магично зрно време, низ трагично ситно сито. Заминаа деновите ко стаклен речен камен, - (Грозд необран, кош јаболки, женски очи). Ги испрати чуден месец во железни пранги врамен Пред желбата в друго време што се точи, што се точи. Заминаа годините низ ридови, пред да зајдат, (Ред планети, крупни сонца, темни ѕвезди). Ги испрати несон сонот во темнини пред да најдат Друм незнаен низ кој треба да се езди, да се езди. Заминаа вековите, галаксии мрачни, светли (Ред бескраи, луди нешта, чудни чуда). Од гробјето тогаш чувме закобеа црни петли Што дојдоа в доцна доба да нè будат, да нè будат.